Соништата постојат со цел да бидат реализирани. 

Пример за оваа мисла е македонската продукциска куќа ,,Дрим Фактори’’, која од 2007та година па се досега реализира огромен број на филмски проекти, од сон во реалност. 

Во оваа епизода зборуваме со продуцентот Огнен Антов, кој е основач на продукциска куќа „Дрим Фактори“, која продуцира играни филмови, ТВ проекти и документарци. 

Копродукцијата на филмот „Вера сонува за морето“ е најновиот успех кој го доживеа Огнен Антов заедно со  „Дрим Фактори“. „Вера сонува за морето“  е долгометражен филм во режија на Калтрина Красниќи кој на престижниот филмски фестивал во Венеција (фестивал од А-категорија) ја освои наградата „Автори под 40“ за најдобра режија. 

Огнен Антов досега како продуцент и копродуцент има работено на повеќе од дваесет и седум филмски проекти, меѓу кои се и: „Стела“ во режија на Столе Вујичич, „Џган“ во режија на Вардан Тозија, „Дедо и Внук“ во режија на Илија Пиперкоски, „Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљкович, „Споменикот на Мајкл Џексон“ во режија на Дарко Лунгулов, „Висини“ во режија на Виктор Божинов итн. Сите наведени и ненаведени филмски проекти во продукција на Дрим Фактори досега имаат учествувано на огромен број интернационални филмски фестивали и на истите имаат освоено огромен број на награди.

Покрај постојаната продукција на филмските проекти, во 2013та година Дрим Фактори на Македонската радио телевизија успева да го донесе популарното шоу ,,Танц со ѕвездите’’, по пат на превземање на лиценца од страна на Би-Би-Си. Со овој потег, Дрим Фактори инвестира во тоа да се подобри продукцијата на македонските телевизиски канали, да се разбие секојдневната монотона програма составена од турски серии и политика. 

Покрај сите успешни филмски и ТВ проекти, Дрим Фактори низ годините дава одличен пример за тоа како се работи и создава маркетинг за еден филм, на креативен и неконвенционален начин. Дали можеби ја паметите мини-кампањата за долгометражниот филм ,,Џган’’? Или пак,  лажните вести за споменикот на Мајкл Џексон во Градскиот Трговски Центар? Маркетинг на филм е само една од значајните теми за кои зборуваме во оваа епизода. 

Слушнете го нашиот разговор и уживајте!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *